Мисија, визија и стратегија

МИСИЈА НА ФАКУЛТЕТОТ

Мисија на Факултетот за информатика е да им обезбеди на студентите врвно образование во областа на компјутерските науки и технологии, поттикнувајќи ја нивната креативност, одговорност, истражувачки дух и тимска работа. Исто така, на стопанството и нестопанските дејности да им обезбеди квалитетни инженери кои ќе бидат во состојба да ја зголемат нивната продуктивност, иновативност и конкурентност на пазарот во земјата и надвор од неа. Со својата научно - истражувачка работа Факултетот за информатика ја има обврската да биде носител на постојан техничко-технолошки напредок, информатизација и севкупен развој на земјата.

ВИЗИЈА НА ФАКУЛТЕТОТ

Визија на Факултетот за информатика е да биде водечка високобразовна установа во областа на компјутерските науки и инженерство во земјата и пошироко во регионот, спроведувајќи ги највисоките стандарди во наставата, науката и применетите истражувања.

НАША ЦЕЛ

Целите и задачите на наставниот и соработничкиот кадар на Факултетот за информатика се насочени кон остварување на трите основни дејности: наставна, научно-истражувачка и стручна.

  1. Квалитетно и ефикасно образование на сите 3 нивоа (додипломски, постдипломски и докторски студии) базирано на современи студиски програми

    За таа цел се стремиме кон константно осовременување на студиските програми, воведување на систем за евалуација на квалитетот на наставните програми и работата на наставниците, развој и унапредување на наставните лаборатории и информатичката инфраструктура, вклучување на студентите во програми за соработка со стопанството преку изработка на завршни и дипломски работи, зголемување на бројот на студенти кои успешно ги завршуваат студиите, изработка на повеќе студиски програми на англиски јазик, развој на инфраструктура за е-учење, зголемување на бројот на објавени учебници и наставни материјали, зголемување на мобилноста на студентите.

  2. Научно – истражувачка дејност по која Факултетот за информатика ќе биде препознатлив како во земјата така и во поширокиот регион и ќе биде двигател на технолошкиот развој во регионот

    За реализација на оваа стратешка цел Факултетот за информатика се залага за зголемување на бројот на запишани студенти на постдипломски студии и бројот на одбранети докторати, создавање услови за квалитетна менторска работа и што поголемо вклучување на странски научници во наставниот процес и процесот на менторирање, за опремување лаборатории за изведување на истражувања, зголемување на мобилноста и постдокторските усовршувања, зголемување на бројот на објавени трудови, зголемување на бројот на научни проекти, меѓу кои и меѓународни проекти, зајакнување на меѓународната соработка, организирање на меѓународни и домашни научни собири, дефинирање на стратешки важни области за истражување во согласност со меѓународните и националните стратешки приоритети, за популаризација на науката, вклучување на студентите од додипломските и постдипломските студии во научно-истражувачките проекти, за вработување на доктори на науки во стопанството, за членство во уредничките одбори на меѓународни и домашни научни списанија, организирање на предавања на странски истражувачи и воспоставување на постдипломски студии на англиски јазик.

  3. Соработка со стопанството и нестопанските дејности

    Како институција со стручњаци од областа на техничките науки Факултетот за информатика има за цел помагање на стопанството за да го задржи чекорот со брзиот напредок на технологијата. За таа цел потребно е воспоставување на долгорочни програми за соработка со стратешки партнери, опремување на заеднички лаборатории со стопанските институции, зголемување на бројот на стручни студии, елаборати и експертизи за потребите на стопанството, зголемување на приходите остварени од стручна дејност, вклучување на студентите во програми за соработка со стопанството преку изработка на завршни и дипломски работи.

    Факултетот за информатика работи на имплементирање на европските тенденции на развој во научно-истражувачката, стручната и образовната дејност. Имплементирањето на модерните тенденции се спроведува во сите области на делување: организација и изведување на студиските програми, зголемување на ефикасноста во образовниот и научно-истражувачкиот процес, поврзување на образовната, научно-истражувачката и стручната дејност, како и градење и унапредување на внатрешната организација. При тоа факултетот активно соработува со научните, високо-образовните и стопанските партнери во земјата и странство. Се залагаме за зголемување на мобилноста на студентите и наставниците, рационално користење на човечките и материјалните ресурси и развој на научно-наставните дејности и стручната работа.

    Целта е на студентите да им овозможиме квалитетно образование и научноистражувачка дејност и да ги поттикнеме за активно вклучување во европскиот високо-образовен и истражувачки простор. Наставниот кадар на факултетот се залага за поврзување на образовниот процес со научно-истражувачката работа и стопанството преку активно вклучување во научни и технолошки проекти и соработка со други образовни установи, институти и експерти од практиката.