УГД ќе воспостави лабораторија за истражување, креирање и иновативност „UGD Makerspace” за млади од 15 до 29 години

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е еден од четирите добитници на грантови со кофинансирање од страна на Фондот за иновации и технолoшки развој (ФИТР), во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории истражување, креативност и иновации MakerSpace”. Носител на проектот е Факултетот за информатика.

Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип ќе ја воспостави лабораторијата за истражување, креирање и иновативност „UGD Makerspace”, во која младите од 15 до 29 години, без разлика на нивниот статус, ќе добијат бесплатен пристап до најсовремена технологија и менторска помош, за да може да ги дизајнираат, развиваат и тестираат своите идеи до добивање на прототип. Лабораторијата ќе биде сместена на приземјето од техничкиот кампус (Кампус 2) и ќе биде опремена со различна опрема, како CNC машина, 3Д печатачи, 3Д скенер, автономно летало, индустриски очила за AR/VR, термовизиска камера, машина за везење/ткаење приспособена за паметен текстил, сензорска опрема и китови и слично.

Во рамките на „UGD Makerspace” ќе се спроведуваат неколку програми: организирање на квалитетна и приспособена прединкубаторска програма, програма MakeIt Talent, програма MakeIT BakeIT, програма MakeIT Equal.

MakeIt Talent е програма која предвидува континуирани активности и отвореност на лабораторијата за сите млади лица, а особено за студентите на втор и трет циклус студии кои имаат желба да истражуваат или да развиваат и тестираат одредена научна идеја или да развиваат прототип. MakeIT BakeIT е програма која предвидува повремени средби меѓу успешни претприемачи, компании и научници/иноватори од една страна и младите од друга страна, додека MakeIT Equal е програма која предвидува вклучување на лицата со попреченост во разновидни обуки.

Лабораторијата ќе има улога на HUB за вмрежување на младите и соработка помеѓу приватниот сектор, научно-образовните институции и граѓанските здруженија – единствен од овој тип во централниот и источниот регион. На почетокот фокусот ќе биде кон неколку приоритетни сектори на интерес и тоа: поттикнување на иновации и циркуларна економија во рамките на индустријата за производство, поттикнување на иновации и зајакнување на циркуларната економија во секторот за AgriTech, поттикнување на иновации во секторот на мониторинг и заштита на животната средина и работната околина.