ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Портрет на факултетот

Факултетот за информатика, при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, има мисија да им обезбеди на своите студенти врвно образование во областите на компјутерските науки и технологии и математиката, поттикнувајќи ја нивната креативност, одговорност, истражувачки дух и тимска работа. За потребите на стопанството и нестопанските дејности, Факултетот за информатика, создава квалитетни инженери кои имаат капацитети да ја зголемат нивната продуктивност, иновативност и конкурентност на пазарот во земјата и надвор од неа.
Со својата научно - истражувачка работа Факултетот за информатика е носител на постојан техничко-технолошки напредок, информатизација и севкупен развој на регионот и државата во целост.

Факултетот за информатика на своите студенти им нуди студиски програми усогласени со националните и меѓународните стандарди за квалитет, кои на студентите треба да им дадат доволна флексибилност за избор на нивните сопствени патишта за учење усогласени со нивните индивидуални амбиции. Факултетот ги има акредитирано следниве четиригодишни програми (240 ЕКТС) на додипломски студии:

Компјутерско инженерство и технологии;
Компјутерски науки;
Математика наставна;
Применета математика.

Факултетот за информатика, промовира мултикултурализам, отвореност и интернационализација како основни постулати во работењето на една високообразовна институција. Во тој контекст, Факултетот за информатика веќе е препознаен како вистински избор на голем број странски студенти кои студираат на акредитираната програма за четиригодишни студии (240 ЕКТС) на англиски јазик: Computer Engineering and Technologies. Преку воспоставената мрежа и договори за соработки со преку 120 реномирани институции во Европа, факултетот нуди огромни можности за интернационална студентска размена.

Факултетот за информатика нуди широк спектар на акредитирани студиски програми на втор циклус (магистерски) студии и тоа: Софтверско инженерство, Роботика и интелигентни системи, Интелигентни веб технологии, Компјутерска безбедност и дигитална форензика, Биоинформатика, Информациски системи и технологии, Финансиска и актуарска математика, Математичко-информатичко образование, Математика, Пресметковно инженерство, како и можности за студии на трет циклус (докторски) студии на програмата: Компјутерски науки и инженерство.

Историјат

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е основан во 2007 година врз основа на идеалите за инклузивност, различност и соработка. Уште од почетокот, целта на Универзитетот е да придонесе за развој на Југоисточниот регион и на државата воопшто, обезбедувајќи квалитетно образование и развој на интелектуалниот потенцијал.

При основањето, Универзитетот започна да функционира со 7 факултети и една висока школа: Правен факултет, Економски факултет, Педагошки факултет, Факултет за рударство геологија и политехника, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Факултет за музичка уметност и Висока здравствена школа.

Од своето основање во 2007 година, Факултетот за информатика постојано расте и се развива, при што, главниот фокус низ годините е насочен кон зголемување и подобрување на квалитетот на образованието и научно-истражувачката дејност, воведување иновации и воспоставување соработка со локални и меѓународни институции и бизнис заедницата.

Досегашни декани

Проф. Владо Гичев
Декан: 2007-2015
Проф. Цвета Мартиновска - Банде
Декан: 2015-2022