КАТЕДРИ

Катедрите се основна форма на организирање на наставната, научноистражувачката, односно апликативната работа на Факултетот. Во рамките на Факултетот за информатика функционираат следниве катедри:

Применета математика

Катедрата за применета математика ќе овозможи стекнување на продлабочени фундаментални знаења и можности за нивна примена во науката, техниката и практиката. Основниот концепт на студиите е совладување на принципите и концептите на применети и интегрирани знаења потребни за моделирање, симулација и решавање на проблеми во природните науки, инженерството и бизнисот.

Математика и статистика

Kатедрата за математика и статистика при Факултетот за информатика е формирана да планира, организира и изведува настава по предмети од наставно-научното поле математика на сите три циклуси на образование на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип со што се овозможува стекнување на фундаментални математички знаења и можност за нивна примена во различните области. Усвоените математички знаења даваат основен математички апарат и способност за примена на апстрактните концепти на конкретни проблеми кои се јавуваат во природните науки, економијата, техниката, биотехничките и медицинските науки на современ научно заснован начин. Катедрата врши научно – истражувачка и апликативна дејност во соодветното поле.

Информациски технологии

Катедрата по информациони системи и технологии ќе им овозможи на студентите да стекнат знаење и вештини за реализирање на информациони системи и веб апликации кои ги вклучуваат најновите технологии од областа на базите на податоци, веб технологиите, вештачката интелигенција и машинското учење. Исто така оваа катедра опфаќа поголем број на полиња од областа на информатиката вклучувајќи  ги наједноставните поими и функции кои се однесуваат на предметите по Информатика на сите факултети во склоп на Универзитетот се до посложени знаења.

Компјутерски технологии и интелигентни системи

Катедрата за Компјутерски технологии и интелигентни системи креирана во рамките на Факултетот за информатика, при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, има за цел да учествува во едуцирање на кадри способни да ги прифатат предизвиците на новите техники и технологии што се наметнуваат како неминовност во времето на глобалната компјутеризација.

Наставните подрачја кои ги покрива оваа катедра опфаќаат концепти на програмирање, програмски јазици, алгоритми и комплексност, архитектура и организација на компјутерски системи, дистрибуирани системи, безбедност на компјутерски системи, компјутерски мрежи, софтверско инженерство, интелигентни системи, роботски системи, интеракција човек-компјутер и др.

Во образовниот процес кој се одвива на Факултетот за Информатика, Катедрата за Компјутерски технологии и интелигентни системи покрива поголем број предметни програми од првиот и вториот циклус на студии.

Искуството на наставниот кадар од оваа катедра се гаранција за интензивен динамички развој на Катедрата во рамките на Факултетот за Информатика, што претставува и основен предуслов за успешна едукација на идните студенти.

Компјутерско инженерство и комуникациски технологии

Катедрата за компјутерско инженерство и комуникациски технологии опфаќа методи на обработка на сигнали и нивно дигитално претставување кое е од суштинско значење за современата информатичка и комуникациска технологија и со силно влијание во сите домени на животот како што се телекомуникациите, биомедицинските технологии, анализа на податоци во сеизмологијата, радари и подводни истражувања, мултимедијата, економијата и други области. Во состав на катедрата се и наставни дисциплини кои овозможуваат примена на знаењата при проектирањето, дизајнот и имплементацијата на нови и подобрувањето на постојните комуникациски и информациски технологии, сервиси и апликации, како и имплементирање на техниките на комјутерското инженерство во области од техничките и нетехничките науки, како екологија, општествени науки, медицина, менаџмент и друго.