Работилница во рамките на Еразмус+ проектот Robo STEAM – Inclusive Technologies

Претставници од Факултетот за информатика при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, учествуваа на работен состанок во рамките на Еразмус+ проектот Robo STEAM – Inclusive Technologies кој се одржа во периодот 4-6 Септември 2023г во Грција а на кој домаќин беше University of the Aegean.
Проектот има за цел да развие, презентира и пилотира одржлива образовна иновација која ќе обезбеди нов дигитален тренд на образовните системи во ЕУ. За разлика од традиционалниот пристап на дигитализација со користење на стационарни компјутери и камери, роботите обезбедуваат мобилност и автономија, со што се надминуваат физичките бариери наметнати од потребата за социјално дистанцирање, социо-економски неповолности или посебни потреби. Тие ги комбинираат предностите на компјутерскиот систем со возбудата од интеракцијата човек-робот кој ја инспирира имагинацијата на сите студенти, промовирајќи ги придобивките од STEM. Роботските и информациските системи кои ќе се развијат во рамките на проектот, ќе може да се користат за надминување на ограничувањата и бариерите со цел да се обезбеди висококвалитетно образовно искуство, вклученост и недискриминација преку иновации. Роботите имаат голем потенцијал да се искористат како образовна технологија што додаваат сосема нов дигитален капацитет на образовниот систем. Тие можат да се користат како моќна платформа за едукација – комбинирање на традиционалните и иновативни дидактички методи и образовни содржини по математика, физика, компјутери, електроника, механика инженерството, па дури и вештачката интелигенција, со искуството на учење преку игра.