Започна вториот „Entrepreneurship booster week for startups“ во Штип

Во тек на една недела, млади луѓе и претприемачи ќе работат со локални компании со цел подобрување на нивните капацитети, вештини и бизнис планови. Факултетот за информатика и УГД се домаќини на втората недела за подобрување на бизнисот и стартапите која се одржува со соработка со Универзитетот во Луцерн, Швајцарија.
Во 2018 г. првпат дојдовме во Македонија и се поврзавме со универзитетите. Од 2023 г. сме во Штип и овде ги поддржуваме стартапите. Минатата година студентите беа многу среќни што го имаат ова искуство, се надевам дека ќе биде така и оваа година – вели професорот Рене Цајер од Универзитетот во Лицерн, Швајцарија.
Оваа недела на претприемништвото е поддржана и од Општина Штип, како и од локалните бизниси кои се вклучени во процесот.
Најпрвин би сакал да го истакнам моето задоволство од работењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип којшто со овој настан, уште еднаш докажуваат дека работат на развој и промоција на нашиот град. Се надевам дека со стекнување на вакво знаење младите луѓе ќе формираат стартап компании и ќе генерираат дополнителен развој во градот – изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Настанот, исто така, е поддржан од CEED HUB Macedonia, а во текот на наредните неколку денови младите луѓе ќе имаат можност да се стекнат со многу нови вештини и да ги подобрат своите актуелни вештини за водење бизнис и претприемништво.
Во рамките на овој настан, практично, нудиме бесплатна помош на нашите стартап компании, особено оние во Источна Македонија. Воедно ги поттикнуваме нашите студенти и млади луѓе да започнат свој бизнис, односно да влезат во светот на претприемништвото – изјави проф. д-р Сашо Коцески, декан на Факултетот за информатика при УГД.